Во текот нa изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 500 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен, органски и мешан комунален отпад.
На повеќе локации на територијата на градот Скопје, граѓаните на јавни површини одложиле над 150 стари кревети, триесетина електрични шпорети, околу 100 собни врати, повеќе од 50 тоалетни школки, лавабоа и кади, градежен шут, но и органски отпад – мрши од кучиња, мачки, кокошки итн.
„Во последниот период сме соочени со многу зачестено непрописно одлагање кабаст, градежен, па дури и органски отпад во речиси сите скопски општини. Уште еднаш би сакале да ги потсетиме граѓаните дека исфрлањето отпад на јавни површини претставува прекршување на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции, а ваквото несовесно однесување може да резултира со исклучително штетни последици за животната околина и јавното здравје. Непрописно одложениот отпад е потенцијално контаминиран и опасен за секој што ќе дојде во контакт со него, без разлика дали станува збор за наши работници на терен, случајни минувачи или деца. Ги повикуваме надлежните инспекциски служби да започнат со строго санкционирање на сторителите на овие прекршоци, а до граѓаните апелираме да ја искористат можноста својот кабаст отпад бесплатно да го депонираат во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште.“ – изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
ЈП Комунална хигиена-Скопје