Браво за Даниела: И додека одам пеш кон работа собирам отпадоци по клупи и паркинзи

Браво за Даниела: И додека одам пеш кон работа собирам отпадоци по клупи и паркинзи

Изминативе 13 години им помагам на комуналците во населбата Н. Лисиче кога сум слободна и кога тие чистат. Сама собирам отпадоци и на Скопска Црна Гора и на Водно и не се откажувам, вели нашата сограѓанка Даниела Јовчева…

 Комшиите веќе добро ја препознаваат меѓу сезонските чистачи кои ги одржуваат тревниците, кантите, патеките во населбата Ново Лисиче, околу Паркот на музиката. Таа веднаш им се придружува и рамо до рамо работи и чисти со нив. А таа е само обична жителка во зградите и нема обврска да чисти. Но, Даниела Јовчева е граѓанин од поинаков вид, не само во оваа населба туку и во градот. Таа е пример како граѓаните доброволно и несебично помагаат нивната средина да биде што почиста, поуредна.

-Децата кои играа на лулашките беа прв мотив што започнав со чистење. Не можев да поднесам на детски игралишта да има искршени шишиња, пикавци и други отпадоци. Почнав да ги собирам, да игралиштето биде чисто а потоа продолжив и наоколу. Сега веќе изминативе 13 години им помагам на комуналците во населбата кога сум слободна и кога тие чистат. И додека одам пеш кон работа собирам отпадоци по клупи и паркинзи. Во ранецот секогаш носам кеси и ракавици. Комуналците кои чистат се возрасни луѓе и заслужуваат почит, сметам дека секому кој работи помошта му е потребна, вели Даниела за „Скопско ехо“.

Интересно е дека таа работи веќе 17 години во ЈП „Комунална хигиена“, но во ИТ-сектор. Инаку, постојано е дел и од сите колективни акции за чистење. Прво почнала со „Акцијашите“ од гази Баба, а од пред две години е дел од „Не биди ѓубре“ а имаше и сезонски акции со „ChangeMakers” од Гевгелија…

-Но, освен вакви акции јас продолжувам и со лични, индивидуални. Природата ни припаѓа на сите, се надевам и други ќе најдат време. Садам и семки од кајсии во шумите во септември. Неодамна бев на Скопска Црна Гора и траму собирав отпадоци, го чистам и Водно, секаде каде во моментот можам. Природата ја обожувам и не можам да се помирам таа да биде загадена, вели ова наша сограѓанка.

Таа смета дека хигиената во градот може да биде подобра само и доколку инспекторите ја вршат својата работа, односно, законот да важи исто за секој и да нема муабетот “знаеш ли кој сум, која сум”… Би сакала во градот да имаме комунална полиција по примерот на Белград, чие добро функционирање имала прилика да види.

Даниела е категоричан дека нема да ја обесхрабри фактот дека исчистеното повторно брзо се валка од несовесните граѓани. Вели дека би сакала граѓаните повеќе да се вклучувата во чистењето и одржувањето на најблиската околина.

-На клупите околу зградите самите го правиме ѓубрето, зошто да не го собереме и одложиме во корпите за смет, доколку се полни можеме да поодиме до следната. Тоа е дел од нашата култура на живеење, или ја имаме или ја немаме. Кога мојот сосед професорот има над 70 години и сеуште индивидуално и понекогаш со мене чисти, зошто да не го правам истото, имам 48 години, со самата физичка активност го одржувам и своето здравје во ова нездраво и агресивно општествено опкружување. Верувам во човечноста и колективната свест, треба време да се врати, партиите ни го одземаа со години, со години и примери на почит едни кон други ке го вратиме тој дух, потенцира Јовчева.

Скопско ехо

Leave a Reply