Ливадите и реките лани сме ги наполниле со 300.000 тони ѓубре

Ливадите и реките лани сме ги наполниле со 300.000 тони ѓубре

Секоја година извештаите на ДЗС покажуваат дека една третина од ѓубрето не завршува на депонија туку се расфрлува низ природата, а надлежните откако 12 години не успеја да воведат регионални фабрики за преработка на отпадот, најавуваат нов закон.

Луѓето низ Македонија лани во природата расфрлале или запалиле 283.459 тони ѓубре, односно толкава е разликата помеѓу комуналниот отпад што Македонците го создале (915.943 тони) и оној што комуналците го собрале и го фрлиле на куповите наречени општински депонии (632.484 тони). Овие податоци се објавени во најновиот извештај на Државниот завод за статистика за комуналниот отпад во 2019 година и даваат поразувачки увид за тоа до каде стигнала Македонија после помината една петтина од 21-от век, кога светот наголемо ги реупотребува материјалите и го рециклира отпадот, а луѓето се повеќе  го намалуваат обемот на ѓубре што тие лично го создаваат.

Без комунални услуги се 400.000 граѓани!

Бројките на Статистика „врескаат“ дека дека се уште дури 22 отсто од населението, фантастични 400.000 граѓани не користат комунални услуги. Тоа е главно населението во селата и во овој факт се наоѓа дел од одговорот зошто скоро 300.000 тони ѓубре секоја година се расфрла во природата. Од друга страна и фрленото ѓубре на депониите често пати не се задржува таму, како на пример она во Кичево, каде општинската депонијата е на самата река Треска, па нејзини делови оттаму пловат низ целата држава

Извештајот на Статистика нуди уште еден поразителен податок дека Македонецот создава се повеќе ѓубре – во 2008 година еден жител создавал 349 килограми годишно, што е помалку од килограм на ден, а во 2019 стасал до 456 килограми годишно, што е 1,25 килограм на ден.

„Во 2019 година вкупното количество на создаден комунален отпад е за 10,7 отсто повеќе од претходната 2018 година“ се вели во извештајот.

Според овој документ, од собраниот отпад најголемо е количеството на измешан комунален отпад (542.664 тони), а најмало е количеството на отпад од гума (778 тони). Одвоено се собрани и одредени количества на хартија, стакло, пластика, метал, органски отпад и текстил ама вкупната количина на овие одвоени секундарни суровини изнесува едвај 80.000 тони.

Според Статистика, најзагрозен е Југозападниот регион (Охрид, Струга, Кичево итн) каде се создадени 162.000 тони отпад, а се собрани само 43.000 тони отпад!

Општините имаат уште две години, потоа превзема државата

Извештаите на ДЗС за комунален отпад со децении се исти, поразителни и покажуваат ниска колективна свест на населението и неспособност на надлежните да го решат проблемот. Во 2008 година беше донесен актуелниот Закон за управување со отпад, според кој во општините требаше да се отворат општински регионални депонии, т.н фабрики за преработка на ѓубре, но  и по 12 години немаме ниту една. Поради неуспехот на општините, за кој има разни причини, а најмногу финансиски, централната власт лани најави нов закон за управување со отпадот, според кој на општините ќе им се даде шанса уште две години да ги отворат регионалните депонии, а потоа задачата ќе ја преземе државата.

Законот го подготви Министерството за животна средина, а процедурите за неговото усвојување се во тек.

– Законот за управување со отпадот ни е приоритет. Пред да бидат закажани изборите имавме јавни расправи со засегнатите страни и добивме сугестии од нив за предложените решенија. Дел од нив ги прифативме и ги вметнавме во законот, а останатите кои ги одбивме ги образложивме. Деновиве законот ќе го пуштиме во владина процедура, односно ќе обезбедиме мислења од засегнатите министерства за транспорт и врски, локална самоуправа итн, со цел да биде усвоен од Владата, а потоа ќе биде поднесен пред следниот парламенатарен состав. Освен овој закон, како приоритени ги подготвуваме и законот за инспекциски надзор во животната средина, законот за заштита на природата и за законот за индустриски емисии – вели Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина.

Таа додава дека очекува многу промени по усвојувањето на новиот закон во сите процеси на управување со отпадот од неговото создавање до крајното депонирање.

– Конкретно за руралните области со законот е предвидено да има доволен број на камиони за собирање на ѓубрето и соодветна инфраструктура. Досега проблемите произлегуваа меѓудругото и од ниската свест на дел од наслението и ниската информираност. Луѓето не се волни да платат за услуга која сметаат дека не им е потребна, за нешто што го години го врши бесплатно, односно си го палат ѓубрето или го фрлаат во дол или во река. Јас искрено се надевам дека наскоро ќе профункционираат пилот-проектите во Источниот и Североисточниот регион кои се најанапред во воспоставувањето на регионалните депонии и дека сите ќе ги видат бенефитите – вели Петровска за „Слободен печат“.

Leave a Reply