Депонија никна на коритото на Црн Дрим

Депонија никна на коритото на Црн Дрим

Пластични шишиња, гајби,троседи, стари алишта и што ли уште не го загадуваат коритото на реката Црни Дрим на влезот во Струга. Големи колични на отпад на самиот брег на реката се присутни со месеци, а не се презема ништо да се отстрани тој отпад. Дополнително во самата река се влева атмосферска и фекална канализација.

Стружани коментираат дека град кој претендира да развива туризам, ова не смее да си го дозволи. Ниту една локална самоуправа не успеа да го реши овој проблем.

Жителите кои живеаат во оваа насeлба каде живеат педесетина семејства се загрижени и за своето здравје. Живеат во трошни куќи пред распаѓање иако во минатото имаше најави дека овде ќе се градат социјални згради.

„Ова е болест. Ова треба да се среди. Има само една канта таму, а треба да има уште една канта но нема. Загрижени сме и тоа многу. Сега со ова корона вирусот уште повеќе“, реагираат жителите.

Стружани бараат поголема ангажираност на локалните авторитети во средување на овој проблем.

„Цел живот е истата проблематика. Треба еднаш да се исчисти, инспекции нема, инспекциите треба да си го решат, ние не можеме, кој сме ние“…

„Мислам дека ѓубрето не е добро за градот. Треба да се работи повеќе за градот, а како што гледаме не се работи. Треба да се најде локација за отпадот, каде да се фрла на друго место“, велат стружани.

Дополнително локалните жители ги перат своите теписи во водите на реката, а потоа ги сушат на мостот. Од комуналното претпријатие во Струга велат дека тешко оди чистењето на коритото на Црни Дрим, но оти ќе се преземат соодветни мерки. Велат двапати неделно со механизација го подигале отпадот во населбата.

М.Трајковски

Leave a Reply